Вистинска филмска сцена се одвивала во северна Грција, откако затвореник успеал да побегне од Општата болница во Серес со помош на вооружени соучесници кои биле маскирани како полицајци.
Инцидентот се случил во петокот околу 23:00 часот, кога затворски чувари од затворот „Нигрита“ превезувале тројца затвореници до психијатриското одделение на Општата болница во Серес.
Во моментот кога пристигнале, вооружените напаѓачи им се заканиле на чуварите со „калашникови“, ги разоружале и од возилото го извлекле 41-годишниот албански државјанин, кој издржувал затворска казна за трговија со дрога и обид за убиство.
Напаѓачите потоа побегнале заедно со затвореникот, а при бегството му го одзеле оружјето на еден од затворските чувари. Грчката полиција веднаш започнала голема потрага по бегалецот и неговите соучесници.
Според грчките медиуми, 41-годишникот се смета за особено опасен криминалец. За него се наведува и дека во минатото, среде бел ден, пукал во Солун.
Случајот го истражуваат грчките безбедносни служби, а потрагата по затвореникот и лицата кои му помогнале во бегството продолжува.







