Јавното претпријатие „Национални шуми“ досега регистрирало 138 шумски пожари низ Македонија, а огнените стихии и оваа летна сезона опустошија стотици хектари шумски површини. Според заменик-директорот на претпријатието, Кире Михаилов, точната проценка на штетите допрва ќе се утврдува.
Михаилов посочува дека бројот на шумски пожари годинава не отстапува значително од просекот во изминатите години. Сепак, досега е причинета значителна материјална штета. Како најцрна година во „Национални шуми“ ја посочуваат 2007 година, кога биле регистрирани дури 652 шумски пожари.
„Заклучно со месец јули, штетите се движат некаде околу над 4 милиони евра. Значи, тоа е голема штета, меѓутоа во однос на она што го имаме во текот на изминатите години, сметам дека е релативно мала. Затоа што, ако ја запознаеме јавноста, 2024 година имавме фрапантна бројка од преку 83 милиони евра штета, а минатата 2025 ја завршивме со некаде над 50 милиони евра штета“, вели Михаилов.
По завршувањето на летната сезона, вработените во „Национални шуми“ ќе влезат во опожарените подрачја и ќе направат детални проценки на состојбата. Потоа ќе се утврдува на кои места ќе биде потребно чистење на опожарената дрвна маса, а каде шумата има потенцијал сама да се обнови.
Михаилов објаснува дека површината зафатена од пожар не значи автоматски дека целата шума на тоа подрачје е целосно уништена. На некои места огнот воопшто не ги зафатил дрвјата, додека на други бил приземен или се ширел само низ тревата и ниската вегетација.
„Без разлика колкава површина ќе биде зафатена од секој пожар, тоа не значи дека таа цела површина е целосно уништена. Некаде пожарот воопшто и не зафатил, некаде бил приземен, некаде горело трева. Доколку стеблото или пак листењакот воопшто не се чепнати од пламените јазици, тогаш таа шума многу лесно ќе се самообнови“, вели Михаилов.
Тој забележува дека дел од пожарите се подметнати, односно се поврзуваат со пиромани, но има и случаи кога огнот избувнува поради човечко невнимание. Како пример го посочува пожарот кај селото Бигла во општина Делчево, каде што изгореле повеќе од 200 хектари шума.
Според Михаилов, затворските казни за лицата кои намерно предизвикуваат пожари имаат одреден ефект, но паралелно со санкциите потребно е да се работи и на подигање на свеста кај граѓаните за последиците од огнените стихии.
Тој посочува дека последиците не се однесуваат само на уништувањето на шумите и природата, туку и на квалитетот на воздухот. Оваа година загадувањето предизвикано од чадот од пожарите особено го почувствуваа и жителите на Скопје.







