Бројот на загинатите во страшниот пожар на патничкиот траект „Ем-Ви Џун Астер“ на Филипините се искачи на најмалку 76 лица, откако денеска спасувачките екипи извлекле уште неколку јагленосани тела од внатрешноста на пловилото. Според филипинската крајбрежна стража, до 13 лица и понатаму се водат како исчезнати.
Макотрпната операција за извлекување и идентификација на жртвите продолжила откако во петокот биле извадени 30 тела и пренесени во пристаништето во градот Корон. Таму биле поставени привремени шатори каде форензичките тимови работат на идентификација на загинатите.
Спасувачите во заштитни одела пренесувале црни вреќи со посмртни останки од бродовите на Крајбрежната стража до шаторите, додека членовите на семејствата со неизвесност чекале вести за своите најблиски.
Меѓу нив е и 37-годишната Анелин Магбануа, чиј сопруг патувал назад кон Корон по посетата на нивните деца во Манила. Траектот, кој превезувал повеќе од 130 луѓе, се запалил непосредно пред крајот на патувањето кое траело повеќе од 20 часа.
„Се надевам дека тој не е меѓу загинатите што ги изнесуваат од бродот. Се надевам дека е жив и дека само отпловил до некој друг остров. Ќе биде многу тешко да се прифати ако навистина го нема. Тој многу си ги сакаше децата“, изјавила таа за „Ројтерс“.
Во петокот пожарникарите за првпат влегле во траектот, откако пожарот бил изгаснат повеќе од еден ден по неговото избувнување. Со тоа на надлежните им бил овозможен пристап до делови од бродот кои претходно биле недостапни поради густиот чад и екстремно високите температури.
Крајбрежната стража соопшти дека во делот за сместување на патниците од економска класа биле пронајдени изгорени човечки останки. Фотографиите објавени од службите го покажуваат огромниот степен на уништување во внатрешноста на траектот – челичните рамки од креветите биле искривени од силната топлина и прекриени со пепел, а на дел од снимките меѓу остатоците се гледале и останки кои наликуваат на скелети.
Еден од преживеаните за GMA News раскажал дека најпрво забележал мала количина чад, која за само неколку секунди прераснала во пожар и брзо се проширила низ траектот.
Сè уште има неизвесност и околу судбината на капетанот на пловилото. Портпаролката на Крајбрежната стража, комодор Ноеми Кајабјаб, изјавила дека добила информација оти капетанот е жив, но неговото име не се наоѓало на списокот со 43 потврдени преживеани.
Катастрофата повторно го отвори прашањето за безбедноста на поморскиот транспорт на Филипините, земја со повеќе од 7.600 острови, каде милиони жители зависат од траекти и помали пловила за патување меѓу островите и провинциите.








