ПРВ.мк
Економија

МИЦКОСКИ ОТКРИ НОВА АФЕРА? Пријавени се уште случаи на барање мито, еве кои институциите ги следат

МИЦКОСКИ ОТКРИ НОВА АФЕРА? Пријавени се уште случаи на барање мито, еве кои институциите ги следат

Премиерот Христијан Мицкоски денеска откри дека институциите следат уште неколку случаи поврзани со наводно барање мито и системска корупција, а најави дека деталите ќе бидат објавени кога ќе има услови за тоа.

Одговарајќи на новинарски прашања, Мицкоски рече дека станува збор за случаи во рамки на одредени сектори во државните институции. Тој посочи дека надлежните располагаат со информации за повеќе случаи и дека во моментов ги следат, чекајќи лицата за кои постојат сомнежи да го направат следниот чекор.

„Во моментов следиме уште неколку случаи. Па, со време ќе бидат објавени во јавноста“, изјави Мицкоски.

На прашањето дали станува збор за нови случаи на корупција и во кои области се случуваат, премиерот одговори дека се работи за различни сектори во институциите.

„Следиме неколку случаи и чекаме тоа што го побарале од странките да се дрзнат да го земат. Еве однапред кажувам и ги повикувам сите граѓани коишто ќе бидат жртва на било каква системска корупција да пријават и без исклучок секој ќе биде санкциониран, еве јавно го кажувам тоа. Следиме, имаме информации за неколку случаи и ги следиме и чекаме. Во институции“, рече премиерот.

Мицкоски не откри за кои институции и сектори станува збор, образложувајќи дека не сака да ја попречи истрагата. На инсистирањето на новинарите за повеќе детали, тој со доза на иронија одговори дека нема да открива дополнителни информации.

Премиерот беше прашан и за неодамнешните случаи со помошник-директорот во Царинската управа и возачот на генералниот секретар на Владата, кои беа приведени под сомнение за примање мито.

Мицкоски рече дека не се согласува со тврдењата оти граѓаните директно ги пријавиле случаите во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, но одби да открива детали додека траат постапките.

„Не би се сложил дека граѓаните ги пријавиле во Обвинителството, но нема да давам детали во интерес на истрагата, но ги охрабрувам граѓаните, и тоа сум го кажал многу пати досега, да пријавуваат случаи на системска корупција во институциите“, рече тој.

Мицкоски нагласи дека, според неговите информации, во моментов нема случаи на висока корупција меѓу највисоките функционерски редови.

„Она што за мене е важно е дека нема случаи на висока корупција. Сега мора низ институциите овие случаи да ги исчистиме и искорениме“, изјави премиерот.

Повик до граѓаните да пријавуваат корупција претходно упати и ОЈО ГОКК, откако во период од само една недела беа откриени два случаи на сомнеж за примање мито.

Возачот на генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев, пред една недела бил приведен во скопската населба Аеродром со пари кои, според сомнежите, ги побарал за да посредува при вработување на скопјанец како пожарникар.

Само два дена подоцна, по пријава од граѓанин, бил приведен и функционер во Царинската управа, кој според обвинителството барал и примил поткуп за да влијае врз постапки поврзани со јавни набавки.