Во текот на ноќта Русија извршила напад со беспилотни летала врз Одеса, при што била погодена и оштетена повеќекатна станбена зграда, соопштија украинските локални власти.

Според началникот на градската воена управа во Одеса, Сергеј Лисак, во нападот се повредени најмалку 12 лица. Сите повредени биле хоспитализирани, а на местото веднаш биле испратени екипи на итните служби.

Снимките објавени по нападот покажуваат сериозно оштетени и запалени делови од станбената зграда, додека остатоци и урнатини се расфрлани на улицата околу објектот.

Украинското воено воздухопловство по нападот предупредило дека беспилотните летала од типот „Шахед“ сè уште се активни во регионот и ги повикало граѓаните да ги следат предупредувањата за воздушна опасност.

Целосниот обем на материјалната штета засега не е познат.
Истата ноќ бил регистриран напад и во Запорожје, каде што, според украинските власти, загинале две лица.








