Северна Кореја нема да се откаже од своето нуклеарно оружје, а нејзиниот статус на нуклеарна сила, како што е порачано од Пјонгјанг, ќе остане непроменет.
Министерката за надворешни работи на Северна Кореја, Чое Сон Хуи, изјави дека одлуката на земјата да го задржи нуклеарното вооружување „засекогаш“ е неповратна.
Нејзината изјава следеше по трилатералниот состанок на високи дипломати од Јужна Кореја, Соединетите Американски Држави и Јапонија, одржан во понеделникот во Њујорк. На состанокот трите земји ја потврдија посветеноста на „целосна“ денуклеаризација на Северна Кореја и го повикаа Пјонгјанг да се врати на дијалогот.
„Како министерка за надворешни работи на ДНРК, со најсилен тон ја повторувам непоколебливата волја на нашата држава да го задржи нуклеарното оружје засекогаш. Таа одлука во секој случај е неповратна и ќе остане непроменета засекогаш“, наведе Чое во соопштението кое го објави севернокорејската државна агенција KCNA.
Она истовремено предупреди дека обидите на Северна Кореја да ѝ се ускрати правото на одбрана, како што тврди Пјонгјанг, само дополнително би ја зацврстиле оправданоста на нејзината нуклеарна политика.
Според нејзините зборови, таков пристап би можел да послужи како основа за понатамошно зајакнување на нуклеарниот арсенал и дополнително заострување на односите на Северна Кореја со САД и другите држави кои Пјонгјанг ги смета за непријателски.
„Нема промена во фактот дека статусот на ДНРК како нуклеарна сила ќе биде траен“, порача Чое.
Изјавите на севернокорејската министерка доаѓаат во момент на засилени дипломатски напори на САД, Јужна Кореја и Јапонија за повторно вклучување на Пјонгјанг во разговорите за денуклеаризација на Корејскиот Полуостров.








