ПРВ.мк
Македонија

Кавадарци ги обновува јавните објекти со сончева енергија: Поставени фотоволтаици на 12 установи

Кавадарци ги обновува јавните објекти со сончева енергија: Поставени фотоволтаици на 12 установи

Со вкупна инсталирана моќност од 355 kW, општината обезбедува значителни заштеди на струја и повеќе средства за заедницата.

Општина Кавадарци продолжува со големите вложувања во енергетската ефикасност. Почетокот беше пред четири години, кога Кавадарци беше првата општина во државата што постави 200 kW фотонапонски панели на општинските објекти, а денес оваа иницијатива добива уште поголем замав.

Фотоволтаичните системи веќе се поставени на сите 12 предвидени јавни установи, со вкупна инсталирана моќност од 355 kW. Овој чекор ќе овозможи намалување на сметките за електрична енергија, поголеми заштеди и пренасочување на општинските средства за други потреби на граѓаните.

Оваа инвестиција е остварена благодарение на донацијата од „Пиксел гроуп“ во вредност од 4,5 милиони денари, која директно се претвора во долгорочна корист за јавниот сектор и целата заедница.

Локации со поставени фотоволтаични панели:

  • ЈЗУ Општа болница со проширена дејност – 71 kWp
  • Детска градинка – Објект „Снежана“ – 50,02 kWp
  • Детска градинка – Објект „Гроздоберче“ – 46,5 kWp
  • Детска градинка – Објект „Детелинка“ – 25,83 kWp
  • Детска градинка – Објект „Изворче“ – 25,3 kWp
  • Детска градинка – Објект „Сонце“ – 25,3 kWp
  • Основен суд Кавадарци – 24 kWp
  • Локална самоуправа Кавадарци – 20,125 kWp
  • ООУ „Димката Ангелов Габерот“ – 20 kWp
  • Библиотека „Феткин“ – 16 kWp
  • СОУ „Ќиро Спанџов Брко“ – 15,64 kWp
  • Дом на култура „Иван Мазов Климе“ – 15,58 kWp

Во моментот е во тек и монтажата на фотоволтаичен систем од 35 kW на објектот на Основното јавно обвинителство Кавадарци.

Општина Кавадарци со овој проект покажува како од сончева енергија се стигнува до помали трошоци и повеќе општински инвестиции што носат корист денес, утре и во годините што доаѓаат.