Припадници на Министерството за внатрешни работи во Врање го уапсиле В.Т. (46), државјанин на Северна Македонија, поради сомнение дека измамил 68-годишна жена од овој град.
Според информациите од Полициската управа во Врање, В.Т. е осомничен за кривично дело измама, откако од жената наводно зел поголема сума пари и златен накит.
Случајот се случил на 15 септември. Според досегашните сознанија, осомничениот дошол до станбената зграда во Врање во која живее 68-годишната жена, откако претходно таа била телефонски контактирана од друг маж.
Телефонот ѝ го упатил маж по кого полицијата интензивно трага, а кој ѝ кажал дека нејзината ќерка тешко настрадала во странство и дека ѝ се потребни пари за итна операција. Со оваа измислена информација, жената била доведена во заблуда.
По телефонскиот разговор, В.Т. дошол во нејзиниот дом и од неа зел голема сума пари и златен накит.
По налог на јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство во Врање, на осомничениот му била одредена мерка задржување до 48 часа. Потоа тој бил изведен пред обвинителството заедно со кривична пријава.
Од Полициската управа во Врање упатуваат апел, особено до постарите граѓани, да бидат внимателни доколку добијат телефонски повик од непознато лице кое бара пари под изговор дека член на семејството е повреден или се наоѓа во друга итна ситуација.
Полицијата советува разговорот веднаш да се прекине и да се контактира член од семејството за да се проверат информациите.
Граѓаните кои ќе добијат вакви или слични повици можат да се обратат во Полициската управа во Врање или во најблиската полициска станица, како и да го пријават случајот на телефонскиот број 192.








