Земјотрес со јачина од 5,4 степени е регистриран на југоистокот на Турција, во подрачјето кое во 2023 година го погоди разорен земјотрес со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала.
Управата за управување со катастрофи и вонредни ситуации на Турција (AFAD) соопшти дека земјотресот, со епицентар во округот Каракопру во областа Шанлиурфа, имал магнитуда од 5,4 степени според Рихтеровата скала и бил забележан во 10:40 часот по локално време.
Земјотресот се почувствувал во Шанлиурфа, како и во Адијаман, Газијантеп, Дијарбакир, Елазиг и во многу околни провинции, пренесе „En son haber“.
Земјотресот предизвика краткотрајна паника во Шанлиурфа, а како што објави порталот gazeteipekyol.com, по потресот дел од граѓаните од претпазливост ги напуштиле своите домови и работни места и излегле на улиците.
Разорниот земјотрес со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала на 6 февруари 2023 година го погоди југоистокот на Турција и северот на Сирија, предизвикувајќи катастрофална штета и загуба на повеќе од 53.000 човечки животи. Главниот потрес имаше магнитуда од 7,8 степени, проследен со низа разорни накнадни потреси, вклучувајќи и нов снажен потрес со јачина од 7,5 степени истиот ден.
Милиони луѓе во Кахраманмараш, Шанлиурфа, Хатај, Газијантеп, останаа без своите домови во една од најголемите природни катастрофи во модерната историја на овој регион.





