Оваа есен во Русија е забележан рекорден број напади од мечки врз луѓе, при што најмалку 14 лица го загубиле животот. Сепак, постојат и случаи во кои луѓето ги преживеале средбите со големите предатори. Меѓу нив е и Виктор Селигеев, кого го нападнала мечка додека собирал пињоли (шишарки од кедар) во тајгата.
На неговото лице и понатаму се наоѓаат длабоки лузни од загризи. Мечката тешко му ја повредила раката, му го згмечила носот и целосно му ја откинала горната вилица.
„Лекарите кои ме транспортираа шепотеа дека со такви повреди нема смисла да ме носат во болница. Имав среќа“, изјави Селигеев за РИА Новости.
Како започнало сè
Селигеев тој ден заминал во тајгата за да собира пињоли. Бидејќи бил навикнат сам да шета низ шумата, неговите пријатели тргнале по еден пат, а тој по друг. Сè било мирно и тивко додека не почувствувал некој зад себе.
„Беше тишина и мир. Оддеднаш почувствував некој зад себе. Се свртев и видов мечка на околу три метри оддалеченост“, се сеќава тој.
Селигеев знаел дека не смее да бега од мечката бидејќи тоа би можело да го активира нејзиниот ловечки инстинкт. Се обидел да се скрие зад едно дрво, но животното го пронашло. Мечката прво го влечела преку пропланок, а потоа скокнала врз него.
„Ме влечеше малку преку пропланот, а потоа скокна врз мене. Сè внатре почна да ми експлодира, ребрата ми се кршеа. Потоа почна да ме гризе“, го опиша тој нападот.
Се обидел да ја турне од себе, но животното од 200 килограми не попуштало.
„На крајот ме загриза за раката, имав повеќе од десет прекршеници. Ми ја одра кожата од лицето, ми го згмечи носот и целосно ми ја откорна горната вилица. Во болницата рекоа дека сум имал среќа што не ми го пробила черепот. Имаше траги од заби по целата глава“, рече тој.
Нападот траел само неколку минути. Потоа, мечката се повлекла.
„Можеби мислеше дека сум веќе мртов. Или пак ја повикаа мечињата“, рече Селигеев.
Изгубил повеќе од два литри крв
Откако се уверил дека животното заминало, Селигеев ги собрал последните сили и тргнал кон пријателите.
„Беа оддалечени околу километар и пол. Се затетерав и ги повикував. Не знам ни како успеав да го сторам тоа со спуштена вилица. Стигнав до патот и се срушив. Но, момците ме слушнале“, рече тој.
Пријателите му пружиле прва помош, а еден од нив се упатил кон место оддалечено околу 20 километри за да најде сигнал и да повика помош. Останатите направиле носилки од гранки и го однеле во логорот.
Чекале хеликоптер седум часа. Селигеев цело време бил во свесна состојба. Вeчерта му станало многу студено, што го препишал на големото губење крв.
„Изгубив повеќе од два литри крв. Момците грееја вода и ставаа шишиња околу мене“, рече тој.
Бил однесен во болницата во Абакан, каде што лекарите прво му ги оперирале раката и лицето. Вкупно имал седум операции, а закрепнувањето сè уште не е целосно.
Од нападот закрепнува веќе пет години.
И покрај сè, Селигеев продолжува да оди во тајгата. Вели дека повеќе не се плаши од мечки, иако оваа година ги има во посебно голем број. Сепак, по тоа искуство, презел некои мерки на претпазливост. Набавил куче кое треба да го предупреди доколку во близина се појави предатор.





