Нова снимка објавена на социјалните мрежи повторно ја актуелизира појавата на стаорци во скопската општина Кисела Вода. На видеото се забележуваат неколку глодари во непосредна близина на детско игралиште.
Снимката била објавена во групата „Кисела Вода – Пријави Проблем“, по што жителите реагирале и побарале од надлежните институции да преземат соодветни мерки.
Граѓаните бараат да се провери состојбата на локацијата и да се преземат активности за справување со појавата на глодари, особено поради тоа што местото се наоѓа во близина на игралиште кое го користат деца.
Во изминатите денови биле пријавувани стаорци и на други локации во општината, меѓу кои и во Драчево.
Засега нема информации од надлежните институции за тоа колку е распространета појавата, ниту дали на локациите каде што се пријавени глодари веќе е извршена или дополнително ќе биде спроведена дератизација.
Новата пријава повторно го отвора прашањето за одржувањето на јавните површини и состојбата на просторот околу детските игралишта во општината.







