Европа би можела да влезе во нова тешка енергетска зима, откако цената на природниот гас од почетокот на 2026 година порасна за околу 120 проценти. Дополнителна загриженост предизвикува фактот што европските складишта се значително помалку наполнети од вообичаеното.
На 18 август цената на гасот на холандскиот TTF достигна околу 63,7 евра за мегават-час. Иако тоа е далеку од рекордните нивоа од енергетската криза во 2022 година, актуелната состојба создава нов притисок врз европската економија.
Проблемите дополнително ги зголемуваат летните горештини. Зголемената употреба на климатизација ја крева потрошувачката на струја, додека сушата и високите температури го ограничуваат производството на дел од хидро и нуклеарните централи. Недостигот се надополнува со производство од гасни електрани, токму во период кога Европа треба интензивно да ги полни резервите за зимата.
На почетокот на август европските складишта биле исполнети само околу 57 проценти, додека целта на ЕУ е околу 90 проценти пред грејната сезона.
Дополнителен ризик претставуваат проблемите со глобалното снабдување, прекините во производството во Норвешка и нестабилноста околу Ормутскиот теснец.
Економистите предупредуваат дека особено студена зима би можела дополнително да ја зголеми побарувачката и цените.
Поскапиот гас, сепак, не значи само повисоки сметки за енергија. Доколку цените останат високи, ефектот постепено може да се прелее и врз инфлацијата, производствените трошоци и цените на други производи и услуги.
Така Европа би можела да се соочи со непријатна комбинација – поскапа енергија, повисоки животни трошоци и дополнителен притисок врз домашните буџети.









