Градоначалникот на италијанскиот град Комо, Алесандро Рапинезе, донесе одлука со која ќе биде забрането возењето велосипеди низ историскиот центар на градот, откако самиот во јуни бил удрен од електричен велосипед.
Новата мерка треба да стапи на сила во септември и ќе опфати околу 30 улици во центарот на познатото туристичко место покрај езерото Комо.
Инцидентот се случил додека Рапинезе излегувал од Градското собрание, а токму истиот ден неговата администрација разговарала за можни ограничувања на сообраќајот во центарот.
Градоначалникот не крие дека личното искуство влијаело врз неговиот став. Тој објаснува дека историскиот центар во туристичката сезона е преполн со пешаци и дека забраната не може да важи само за електричните велосипеди, па затоа ќе ги опфати и класичните.
Одлуката, сепак, предизвика бурни реакции. Жители, опозициски политичари и велосипедски активисти го обвинуваат градоначалникот дека личниот инцидент го претворил во забрана за сите.
Покрената е и петиција за повлекување на мерката, а велосипедистите најавуваат протестно возење низ улиците каде што ќе важи забраната.









