Најголемиот целосно електричен авион во светот успешно го изведе својот прв пробен лет, поминувајќи 27 минути во воздух. Особено внимание привлече податокот дека потрошената електрична енергија за летот била проценета на само пет долари.
Станува збор за авионот X1 на шведската компанија Heart Aerospace, кој полетал од меѓународниот аеродром Платсбург во американската сојузна држава Њујорк и достигнал висина од околу 335 метри.
Леталото располага со целосно електричен погонски систем со моќност поголема од еден мегават. При полетувањето тежело повеќе од 11,3 тони, а распонот на крилјата изнесува околу 32 метри.
X1 засега е демонстративен авион и не е наменет за превоз на патници, но технологијата треба да послужи како основа за идниот ES-30.
Станува збор за хибридно-електричен регионален авион со капацитет од 30 патници. Планот е на батерии да може да поминува околу 200 километри, а со хибридниот систем до приближно 800 километри.
Компанијата очекува ES-30 да ги намали оперативните трошоци за повеќе од 40 проценти, а комерцијалната употреба е планирана околу 2031 година.









