Министерството за внатрешни работи ја стави во функција веб-апликацијата со мобилен интерфејс „Безбеден град“, која во првата фаза е наменета за странски државјани кои управуваат возила со странски регистарски таблички.
Преку апликацијата, странските возачи ќе можат да проверат дали системот „Безбеден град“ евидентирал сообраќаен прекршок, да имаат увид во издадените прекршочни платни налози и казната да ја платат електронски.
За пристап, возачот треба да ја фотографира или скенира својата патна исправа и да ја внесе регистрацијата на возилото или возилата што ги користи во Македонија.
На овој начин се очекува значително да се поедностави постапката за странците кои направиле сообраќаен прекршок. Наместо дополнително задржување на граничните премини, тие ќе можат навреме да ја проверат и да ја подмират својата обврска преку апликацијата.
Од МВР посочуваат дека ова е уште еден чекор во дигитализацијата на системот „Безбеден град“.
Во следните фази е предвидено проширување на функционалностите на апликацијата и за други категории корисници.







