Голем пожар избувна во трговски центар за овошје, зеленчук и цвеќе во германскиот град Штутгарт, а надлежните предупредуваат дека постои опасност огнената стихија да се прошири и на соседните објекти.
Во гаснењето се вклучени повеќе од 200 пожарникари, екипи на германскиот Црвен крст и Федералната агенција за техничка помош. Според првичните информации, материјалната штета ќе биде огромна.
Огнот целосно уништил две магацински згради, а дел од оштетените објекти контролирано се уриваат поради опасност од нивно самостојно рушење, што дополнително ја отежнува интервенцијата.
Од противпожарната служба велат дека Штутгарт со години не се соочил со пожар од вакви размери.
Засега нема информации за повредени лица, а причините за избувнувањето на пожарот и натаму се утврдуваат. Во комплексот работат повеќе од сто компании кои снабдуваат хотели, ресторани и други бизниси со свежи производи.









