Министерството за внатрешни работи распиша конкурс за прием на 200 ученици во новото државно Средно полициско училиште – Полициска академија, со што по 26 години повторно се враќа средното полициско образование во Македонија.
Наставата ќе се одвива во Полициската академија во Идризово, каде учениците ќе бидат сместени во интернат и ќе следат стручно и општо образование.
Право на пријавување имаат ученици кои ја завршиле втората година од четиригодишно средно образование, а покрај успехот, ќе треба да исполнат и здравствени и психофизички критериуми.
Изборот ќе се врши преку тестирање на физичката подготвеност, писмен тест и интервју, по што ќе биде објавена конечната ранг-листа.
На кандидатите кои успешно ќе го завршат образованието и ќе положат државна матура, МВР им гарантира вработување како полициски службеници.






