Кавадарци продолжува да се развива како еден од најзначајните спортски центри во државата. Денеска, со поставување камен-темелник, официјално започна реализацијата на два капитални спортски проекти во вредност од повеќе од 153 милиони денари, кои ќе донесат современи услови за развој на спортот и младите таленти.

На настанот присуствуваше градоначалникот Митко Јанчев, кој заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, и министерот за спорт, Борко Ристовски, го означи почетокот на изградбата на нов современ спортски објект во рамки на Спортскиот центар „Јасмин“, како и на нов картинг центар.

Со овие инвестиции, Кавадарци ќе добие модерна спортска инфраструктура што ќе отвори нови можности за тренинг, натпреварување и развој на младите спортисти, но и ќе придонесе за афирмација на градот како важен спортски центар во Македонија.

Градоначалникот Јанчев истакна дека вложувањето во спортот е вложување во иднината на младите и дека Општина Кавадарци останува посветена на реализација на проекти кои создаваат подобри услови за спортските клубови, рекреативците и идните генерации шампиони.

Реализацијата на овие два значајни проекти претставува уште една потврда дека Кавадарци продолжува со силен инвестициски циклус во спортската инфраструктура, со цел создавање современи услови и нови можности за развој на спортот во општината.






