Кипар е рангиран како земја со најчисти води за капење во Европа за 2026 година, покажува најновиот извештај на Европската агенција за животна средина (EEA), кој опфатил повеќе од 22.000 плажи, езера и реки низ континентот.
Според резултатите, сите анализирани локации за капење на Кипар добиле оценка „одличен квалитет“. Веднаш зад него е Грција, додека меѓу најдобро рангираните се и Бугарија и Австрија, каде повеќе од 95 проценти од водите се оценети со највисока оценка.
Извештајот покажува дека дури 96 проценти од европските води ги исполнуваат минималните стандарди за квалитет, а околу 85 проценти се оценети како одлични.
Во првите десет земји се најдоа и Луксембург, Данска, Германија, Италија и Малта. Од друга страна, меѓу послабо рангираните се Албанија, Полска, Унгарија, Белгија и Естонија.
И покрај разликите меѓу земјите, извештајот потврдува дека Европа и понатаму е меѓу најбезбедните региони во светот кога станува збор за квалитетот на водите за капење.






