Почина шведскиот актер Кјел Нилсон, кој светската слава ја стекна со улогата на Хјумангус во култниот филм „Mad Max 2“. Тој почина на 76-годишна возраст по долгогодишна борба со болест на бубрезите.
Веста ја потврдија неговото семејство и менаџерот, кои соопштија дека Нилсон починал мирно во сон во Австралија, опкружен со своите синови.
Според неговите најблиски, актерот повеќе од четири години се лекувал со дијализа, а неодамна донел одлука да го прекине третманот. И покрај сериозните здравствени проблеми, успеал да живее подолго од прогнозите на лекарите.

Пред да стане актер, Нилсон бил успешен шведски кревач на тегови, а по преселбата во Австралија ја започнал филмската кариера што му ја донесе светската популарност.
Зад себе остави бројни филмски улоги, пет синови и генерации љубители на филмот кои ќе го паметат како еден од најпрепознатливите негативци во историјата на акционата кинематографија.










