Големиот пожар што избувна во близина на Солун е во голема мера локализиран, откако уништи две фабрики и предизвика евакуација на три населени места и дом за лица со попреченост.
На терен и понатаму се ангажирани околу 160 пожарникари со десетици возила, како и авиони и хеликоптери, кои работат на целосно гаснење на преостанатите жаришта.
Во пожарот целосно изгореа фабрика за рециклирање и текстилна фабрика, а густ чад и натаму се издига од погоденото подрачје.
Грчката полиција уапси 76-годишен маж, кој е осомничен дека го предизвикал пожарот. Според истрагата, тој признал дека искри од неговото возило ја запалиле сувата вегетација. Медиумите пренесуваат дека при приведувањето изгледал под дејство на алкохол.
Во интервенцијата биле повредени четворица пожарникари, а од безбедносни причини бил евакуиран и дом во кој престојувале 157 лица со попреченост. Истрагата за причините и околностите на пожарот продолжува.










