Една од најпосетуваните туристички дестинации во регионот – словенечки Блед – воведе строги правила што предизвикаа бројни реакции кај посетителите. На одреден дел од брегот на езерото сега е забрането пливање, лежење и задржување, а прекршителите може да добијат казна до 200 евра.

Општинските служби ги засилија контролите на делот меѓу Грајско Капалиште и хотелот „Гранд Хотел Топлице“, со образложение дека мерките имаат цел да ја заштитат природата, да спречат ерозија и да одржат ред во една од најпосетените области.

Одлуката предизвика бурни реакции на социјалните мрежи. Дел од туристите сметаат дека е претерано луѓето да се казнуваат затоа што бараат сенка во жешките летни денови, додека други ја поддржуваат иницијативата за зачувување на природното богатство.
Локалните власти ги повикуваат посетителите да ги користат уредените плажи и туристички зони, но критичарите велат дека тие не можат да ја заменат природната сенка покрај езерото.
Новите правила отворија дебата: дали станува збор за неопходна заштита на природата или за мерки што можат да ги одвратат туристите од една од најпознатите дестинации во Словенија?







