Хамас денеска повика на целосно спроведување на планот од 15 точки за Појасот Газа, предложен од американскиот претседател Доналд Трамп. Повикот следува откако израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го отфрли планот и порача дека израелските сили нема да се повлечат од Газа додека Хамас целосно не се разоружа.
Во соопштение објавено на Телеграм, Хамас наведе дека останува посветен на планот за втората фаза од прекинот на огнот во Газа. Како приоритети ги наведе целосното запирање на израелските напади врз Палестинците, повлекувањето на израелските сили од Појасот Газа, отворањето на граничните премини и непреченото доставување хуманитарна помош и материјали неопходни за обновување на енклавата.
Групата ги повика посредниците и земјите гаранти на планот да ги преземат своите обврски и да спречат какви било прекршувања што би можеле да го попречат неговото спроведување.
Од Хамас порачаа дека ќе продолжат да се ангажираат „позитивно и одговорно“ со цел планот да биде реализиран.
Нетанјаху, од друга страна, изјави дека Израел го отфрла планот од 15 точки и дека израелската армија нема да се повлече од Појасот Газа додека Хамас не биде целосно разоружан. Тој истакна и дека Израел не ја прифаќа предложената патека за разоружување на територијата.
Израелскиот премиер повторно порача дека нема да прифати создавање палестинска држава ниту во Појасот Газа, ниту на окупираниот Западен Брег.
Иницијативата на Одборот за мир, поддржана од САД, има за цел да го продолжи процесот на спроведување на планот за периодот по завршувањето на конфликтот. Хамас претходно го прифати планот, додека израелските власти тврдат дека групата го користи процесот за да спречи евентуална нова израелска воена операција.
Во меѓувреме, израелскиот безбедносен кабинет го одобрил распоредувањето меѓународни сили за стабилизација во Појасот Газа. Нивната задача би била да помогнат во разоружувањето на Хамас и воспоставувањето контрола врз територијата.
Истовремено, високи израелски функционери и министри го повикаа Нетанјаху јасно да стави до знаење дека Израел нема да ги прифати условите од планот кои предвидуваат повлекување на Израелските одбранбени сили од Појасот Газа.







