ПРВ.мк
Свет

ГОЛЕМ ПОТЕГ НА САД: 400 милиони долари одат во рудник за стратешки важен метал - еве во која држава!

ГОЛЕМ ПОТЕГ НА САД: 400 милиони долари одат во рудник за стратешки важен метал - еве во која држава!

Соединетите Американски Држави ќе инвестираат 400 милиони долари во стратешки проект за експлоатација на скандиум во Австралија, најави американскиот претседател Доналд Трамп. Проектот има за цел да обезбеди сигурен и нов извор на овој критичен минерал, кој има клучна улога во одбранбената, воздухопловната, енергетската и автомобилската индустрија.

Американското Министерство за одбрана преку својата Канцеларија за стратешки капитал треба да одобри заем од 400 милиони долари за компанијата „Sunrise Energy Metals“ за развој на рудник во централниот дел на Нов Јужен Велс, објави австралискиот јавен сервис ABC. Проектот се смета за стратешки важен бидејќи во светот во моментов нема рудник чиј примарен производ е скандиумот, туку минералот најчесто се добива како нуспроизвод од други индустриски процеси и експлоатација на суровини.

Според Канцеларијата за стратешки капитал на американското Министерство за одбрана, странските конкуренти учествуваат со околу 80 отсто од светското рударско производство на скандиум и со речиси целосната негова преработка, при што најголемиот дел од светското снабдување доаѓа од Кина, Русија и Украина. Планираниот рудник во Австралија првично треба да произведува околу 60 тони скандиум оксид годишно, а почетокот на производството е планиран за првата половина на 2028 година.

Од американското Министерство за одбрана наведуваат дека производството ќе придонесе за зајакнување на американските одбранбени капацитети, но и на стратешки важни индустрии, меѓу кои центрите за обработка на податоци, полупроводниците и автомобилската индустрија. Австралиската министерка за природни ресурси Медлин Кинг ја поздрави американската инвестиција, оценувајќи ја како значаен знак на доверба во способноста на Австралија да обезбеди критични минерали за САД и нивните партнери. Договорот за финансирање е постигнат само неколку дена откако Трамп и австралискиот премиер Ентони Албанезе, за време на посетата на Вашингтон, потпишаа договор за соработка во областа на критичните минерали.