Тиквеш оствари убедлива и лесна победа на гостувањето кај Башкими во Куманово со резултат 0:5, во натпревар од второто коло во новата сезона на ПМФЛ. И покрај мирниот почеток условен од пеколната горештина на стадионот, кавадарчани ја отворија серијата во 36. минута со голот на Висдом, а само пет минути подоцна Лавал зголеми на 0:2, резултат со кој се замина на полувреме.
Во второто полувреме домашниот тим се обиде да се закани, но со отворената игра им остави простор на гостите да дојдат до убедлив триумф. Лавал во 72. минута го постигна својот втор, а трет гол за Тиквеш, по што по поништениот офсајд-гол на Ренатињо, Попзлатанов погоди за 0:4. Конечните 0:5 ги постави Ацковски во 88. минута со ефектен погодок.
Со оваа победа, моќниот тим на Тиквеш има импресивен старт од десет постигнати и само еден примен гол во првите две кола. Во следниот период ги очекува домашен дуел со Шкендија Арачиново и гостување кај Скопје, додека Башкими по вториот пораз и вкупно 11 примени голови на стартот од сезоната се соочува со сериозни предизвици.









