Голем шумски пожар избувна во близина на езерото Гарда во северна Италија, при што повеќе од 200 лица, меѓу кои и голем број туристи, беа итно евакуирани од безбедносни причини.
Огнената стихија ја зафати територијата на општината Тињале, на западниот брег од најголемото италијанско езеро, кое претставува една од најомилените туристички дестинации. Според информациите од противпожарната служба, огнот се ширел брзо во текот на ноќта низ тешко пристапниот планински терен над брегот.
Голем број пожарникарски екипи се на терен и прават напори да го стават пожарот под контрола, при што во акцијата се вклучени и специјални противпожарни авиони и хеликоптери, додека примарна цел останува заштитата на станбените објекти.
Пожарот се случува во време кога Италија со недели е зафатена од екстремен топлотен бран со температури кои надминуваат 40 степени Целзиусови. Поради високите температури и сушните услови, речиси сите поголеми градови во земјата се под црвено предупредување, а дополнително е забележано и значително опаѓање на нивото на реката По.










