Голем пожар избувна денеска околу пладне во скопската населба Волково, при што целосно изгоре една куќа, а полесно е повреден еден пожарникар кој се здобил со изгореници на раката за време на интервенцијата.
Според сведочењата на жителите, огнот најпрво избувнал во мал канал и брзо ги зафатил дрвјата над него. Поради силниот ветер и сувата вегетација, огнот се проширел преку сува ливада и зафатил семејна куќа, а постоела и сериозна опасност да се прошири и на околните објекти.
До доаѓањето на надлежните служби, мештаните сами се бореле со огнената стихија користејќи црева за вода, лопати, канистри, па дури и багер. На терен со четири противпожарни возила интервенираа противпожарните екипи за целосно локализирање на огнот, додека екипи на ЕВН превентивно го прекинаа снабдувањето со електрична енергија во реонот.
На местото на настанот излегоа и полициски екипи, како и Итна медицинска помош која му укажала лекарска помош на повредениот пожарникар.









