Трагичен настан е забележан во кенискиот Национален парк Амбосели, каде дури 16 слонови го загубија животот како последица на труење. Според информациите од Кениската служба за заштита на дивиот свет (KWS), животните најверојатно биле отруени со цијанид откако се хранеле со домати на фарми во близина на паркот.
Првичните лабораториски анализи го потврдиле присуството на цијанид, а при извршените обдукции во желудниците на угинатите слонови биле пронајдени остатоци од домати. Главниот ветеринар на службата информираше дека животните, кои угинале кон крајот на јули, пред смртта покажувале тешки симптоми, вклучувајќи парализа и отежнато дишење.
Поради сериозноста на ситуацијата, надлежните институции покренаа опсежна истрага. Специјален тим ќе испитува дали опасните хемикалии на фармите биле неправилно користени и складирани, како и дали постои ризик од контаминација на водата, почвата и тревата во областа. Во меѓувреме, се чекаат резултатите од дополнителните анализи кои треба да ја утврдат точната концентрација на отровот.









