ПРВ.мк
Свет

ЕВРОПА СЕ СООЧУВА СО ПАД НА ВАКЦИНАЦИЈАТА: Македонија меѓу земјите со низок опфат

ЕВРОПА СЕ СООЧУВА СО ПАД НА ВАКЦИНАЦИЈАТА: Македонија меѓу земјите со низок опфат

Детската вакцинација во Европа покажува знаци на стагнација и пад, а во дел од земјите опфатот со клучните вакцини се оддалечува од нивото потребно за стабилна колективна заштита.

Анализата на податоците за седум заразни болести во Европската Унија, за периодот од 1980 до 2024 година, покажува дека од 2019 година во 16 земји е намален опфатот со најмалку четири од анализираните вакцини.

Најизразен пад е забележан во Бугарија, Кипар, Ирска, Холандија, Романија и Шведска, каде намалување има кај сите седум анализирани вакцини. Во Германија и Шпанија пад е регистриран кај пет од седумте имунизации.

Од друга страна, Луксембург и Португалија го задржуваат опфатот над 95 проценти кај сите анализирани вакцини. Во Романија, пак, опфатот паднал под 80 проценти, што го зголемува ризикот од локални епидемии.

Загрижувачки се и податоците за Македонија. Според информациите наведени во анализата, опфатот со првата доза од МРП-вакцината изнесува 62 проценти, значително под нивото од 95 проценти. Дополнителен ризик претставува појавата на жаришта во соседните Косово и Бугарија.

Кај вакцините против дифтерија, тетанус и полиомиелитис опфатот во Македонија изнесува 79 проценти, додека кај ХПВ-вакцината е 51 процент.

Падот на имунизацијата е особено забележлив во периодот од 2019 до 2022 година. Како фактори се посочуваат нарушувањата во функционирањето на здравствените системи за време на ковид-кризата, одложувањето на педијатриските прегледи, но и зголемениот скептицизам кон вакцинацијата.

Истражувачите предупредуваат дека продолжувањето на ваквиот тренд може да ја намали колективната заштита и да создаде услови за повторна појава на заразни болести кои подолг период биле ставени под контрола.