Детска игра во училишен двор во скопско Волково завршила со физички напад врз 14-годишно момче, кое поради повредите било пренесено во болница.
Инцидентот се случил во дворот на основното училиште „Тихомир Милошевски“, надвор од времето за одржување на наставата. Според објавените информации, на нападот му претходела кратка расправија меѓу децата.
По расправијата, едно од децата наводно повикало други малолетници, кои го опколиле 14-годишникот и го удирале со тупаници во пределот на главата.
Момчето се здобило со фрактура на носната коска, подливи под очите и други повреди на главата.
Повредениот деветтоодделенец околу 22 часот бил примен во Ургентниот центар на ГОБ „8 Септември“, каде по првичниот преглед бил упатен на дополнителни снимања на главата.
Во болницата бил задржан до околу еден часот по полноќ, по што бил пуштен на домашно лекување.
Од Министерството за внатрешни работи информирале дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.






