ПРВ.мк
Црна Хроника

МИСТЕРИЈА ВО КОЧАНИ: Дрон двапати влегол во спална соба додека станарите спиеле

МИСТЕРИЈА ВО КОЧАНИ: Дрон двапати влегол во спална соба додека станарите спиеле

Бизарен случај во Кочани е предмет на полициска и обвинителска истрага, откако станари пријавиле дека мал дрон во текот на една ноќ двапати влегол во нивниот стан.

Настанот се случил ноќта меѓу 10 и 11 септември во станбена зграда на улицата „Димитар Влахов“. Според сведоштвата на станарите, дронот преку отворена врата од терасата влегол директно во спалната соба додека тие спиеле.

Звукот од пропелерите ги разбудил, а при обидот да излезе од просторијата дронот удрил во стаклото.

Но, тука не завршило сè. Кратко време подоцна дронот повторно се појавил и по вторпат навлегол во спалната соба, овојпат околу еден метар во внатрешноста. Станарите се обиделе да го соборат, но леталото успеало да избега.

Случајот бил пријавен во МВР на 11 септември. Полицијата го известила јавниот обвинител, а од Агенцијата за цивилно воздухопловство било побарано да се провери дали во наведениот период било пријавено користење дрон на подрачјето на Кочани.

Од Основното јавно обвинителство во Кочани информирале дека се преземаат дејствија за откривање на лицето кое управувало со дронот.

Станарите се сомневаат дека со леталото биле неовластено снимани, но што точно се случило и дали постои кривично дело треба да утврдат надлежните институции.