Европа би можела да се соочи со сериозен недостиг од авионско гориво во последните три месеци од годината, во услови кога резервите во еден од нејзините главни енергетски центри се на најниско ниво во последните седум години.
Според проценка на аналитичката компанија „Energy Aspects“, пренесена од Ројтерс, во четвртиот квартал дефицитот би можел да достигне околу 510.000 барели авионско гориво дневно.
Проблемите со снабдувањето се поврзуваат со нарушувањето на традиционалните рути од Блискиот Исток по избувнувањето на војната со Иран. Околу половина од вообичаениот европски увоз од регионот бил погоден, поради што компаниите бараат алтернативни извори на гориво.
Европа сега набавува авионско гориво од подалечни пазари, меѓу кои САД, Канада, Нигерија и Јужна Кореја. Само во септември увозот од Јужна Кореја изнесува околу 129.000 барели дневно – најголемо количество во речиси четири години.
Дополнителен проблем претставуваат ниските резерви. Залихите во клучниот енергетски центар Амстердам–Ротердам–Антверпен се спуштени на седумгодишен минимум, што ја зголемува ранливоста на европскиот пазар при евентуални нови нарушувања на транспортот преку Ормускиот Теснец или Црвеното Море.
Авионското гориво е дел од истата група средни дестилати како дизелот, чија цена исто така е под притисок. Доколку проблемите со снабдувањето продолжат, тие би можеле да значат повисоки оперативни трошоци за авиокомпаниите, поскап транспорт и дополнителен инфлациски притисок.









