ПРВ.мк
Свет

ДОАЃААТ ПОСТРОГИ ПРАВИЛА ЗА БРЗИНАТА: Помала толеранција на камерите, повисок ризик од казна

ДОАЃААТ ПОСТРОГИ ПРАВИЛА ЗА БРЗИНАТА: Помала толеранција на камерите, повисок ризик од казна

Хрватска подготвува промени во правилата за мерење на брзината, со кои би се намалила толеранцијата што се одзема од брзината измерена со камери и други уреди. Тоа практично значи дека казните би можеле да се изрекуваат и за помали пречекорувања отколку досега.

Предлогот на хрватскиот Државен завод за мерителство во моментов е на јавна расправа, која треба да трае до 19 октомври.

Причината за предложените измени е сè поголемата прецизност на современите уреди за мерење. Според директорката на Заводот, Бранкица Новосел, технолошкиот напредок ја намалил можноста за грешки при мерењето, поради што се предлага намалување на досегашните безбедносни отстапувања.

Според важечките правила, при измерена брзина до 50 км/ч се одземаат 3 км/ч, од 51 до 100 км/ч се одземаат 10 км/ч, додека над 100 км/ч се одземаат 10 проценти од измерената брзина.

Со предложените правила, толеранцијата би била значително помала и би зависела и од начинот на кој е измерена брзината.

Како пример, ако на место каде ограничувањето е 50 км/ч камерата измери 60 км/ч, според сегашните правила се одземаат 10 км/ч и за прекршокот се пресметуваат 50 км/ч. Според новиот предлог, би се одзеле само 5 км/ч, па мeродавната брзина би изнесувала 55 км/ч.

Разликата може да биде уште поголема кај повисоките брзини. При измерени 86 км/ч на делница со ограничување од 50 км/ч, според сегашните правила мeродавната брзина е 76 км/ч. Со новите правила таа би била 81 км/ч, што би значело преминување во повисока категорија на прекршок и значително повисока парична казна.

Промени се предвидуваат и на автопатиштата. При измерени 156 км/ч, според сегашниот систем по одземањето на толеранцијата остануваат 140 км/ч. Според предложениот модел, кај стационарно мерење би се одзеле 8 км/ч, односно би се пресметувала брзина од 148 км/ч.

Предлогот предвидува посебни правила и за уредите поставени во возила во движење, како и за полициските „пресретнувачи“. Кај мерењето со следење на возило, толеранцијата би зависела и од должината на делницата на која било вршено мерењето.

Важно е дека правилата сè уште не се конечни, туку станува збор за предлог кој е во постапка на јавна расправа.