ПРВ.мк
Наука/Технологија

НОВА НАДЕЖ ВО БОРБАТА СО РАКОТ: Туморот исчезнал по две дози експериментална CAR T-терапија

НОВА НАДЕЖ ВО БОРБАТА СО РАКОТ: Туморот исчезнал по две дози експериментална CAR T-терапија

Тригодишно момче од САД постигнало целосна ремисија од тешка форма на рак на црниот дроб – хепатобластом, по примена на експериментална имунотерапија со генетски модифицирани CAR T-клетки.

Детето претходно поминало низ три циклуси хемотерапија и хируршко отстранување на примарниот тумор, како и операции за отстранување на метастазите во белите дробови. Сепак, болеста повторно се појавила.

Момчето потоа било вклучено во клиничкото испитување CARE, во кое била применета експерименталната терапија GPC3-CAR. Неговите сопствени Т-клетки биле генетски модифицирани за да го препознаваат глипикан-3 (GPC3), протеин кој е силно изразен кај одредени тумори на црниот дроб.

По првата инфузија бил забележан делумен одговор на терапијата, а осум недели подоцна детето примило втора доза. Последователните снимања не покажале преостанати знаци на активна болест, освен резидуални промени на ткивото. Според објавените податоци, повеќе од една година по третманот немало знаци на карцином.

Случајот е особено значаен бидејќи CAR T-терапијата досега најголем успех покажува кај одредени малигни заболувања на крвта, додека нејзината примена кај солидни тумори претставува значително поголем предизвик.

Директорот на Клиниката за радиотерапија и онкологија, Игор Стојковски, за МИА посочува дека резултатот е охрабрувачки, но нагласува дека станува збор за ран стадиум на клиничко истражување.

Потребни се поголеми студии и подолгорочно следење за да се потврдат ефикасноста и безбедноста на терапијата кај пациенти со солидни тумори.

И самите автори предупредуваат дека засега станува збор за резултат кај само еден пациент. Истражувањата продолжуваат во рамки на клинички испитувања, а случајот е опишан во списанието „The New England Journal of Medicine“.

CAR T-терапијата е персонализиран вид имунотерапија при која од пациентот се земаат Т-клетки, лабораториски генетски се модифицираат за да препознаваат одредена цел на канцерогените клетки, се размножуваат, а потоа повторно се внесуваат во организмот.

Доколку идните испитувања ги потврдат овие резултати кај поголем број пациенти, пристапот би можел да отвори нови можности за третман на одредени тешки солидни тумори кај децата.