Општина Кавадарци направи нов чекор во меѓународното поврзување со воспоставувањето партнерство со Јиву, еден од значајните трговски и логистички центри во Кина. Потпишан е Договор за пријателство, соработка и збратимување меѓу двата града, со кој се отвора простор за конкретна соработка во повеќе области.
По тој повод, градоначалникот Митко Јанчев, заменик-градоначалникот Ванчо Настов и дел од советниците на Општина Кавадарци остварија работна средба со амбасадорката на Народна Република Кина, Џијанг Сјаојан, и претставници на Амбасадата.

Во фокусот на разговорите беа можностите за продлабочување на соработката, размена на искуства и воспоставување нови партнерства кои во иднина би можеле да резултираат со конкретни проекти и економски поврзувања.
Договорот за збратимување, кој во име на Општина Кавадарци го потпиша заменик-градоначалникот Ванчо Настов, предвидува можности за соработка во трговијата и економијата, логистиката, технологијата, образованието, културата, туризмот и спортот.
Јиву има значајна улога во кинеската и меѓународната трговија и е важна точка на современите трговски коридори, што на Кавадарци му отвора можности за нови деловни контакти и поврзување со кинески партнери.

За градоначалникот Митко Јанчев, ваквото меѓународно поврзување претставува можност Кавадарци да создава нови партнерства и да отвора дополнителни перспективи за локалната економија, бизнис-секторот и идните заеднички проекти.
Збратимувањето со Јиву ги поставува темелите за долгорочно пријателство и соработка, а следниот чекор ќе биде можностите предвидени со договорот да прераснат во конкретни иницијативи од интерес за Кавадарци и неговите граѓани.







