Министерството за здравство ја претстави Стратегијата за дигитално здравство 2026–2030 пред пациентски организации, лекари, комори, институции и ИТ експерти, со цел преку консултации да се утврдат приоритетите за нејзино унапредување.

Министерот за здравство Сашо Клековски посочи дека проблемот не е во недостигот на дигитални системи, туку во нивната недоволна поврзаност. „Мој термин“, Фондот и здравствените регистри функционираат, но размената на податоци меѓу нив треба да се подобри, што е еден од клучните проблеми што треба да ги адресира стратегијата.

Стратегијата е поврзана со владиниот приоритет „Здравство без хартија“, кој предвидува понатамошна дигитализација на рецептите, упатите, извештаите и резултатите, како и интегрирано електронско медицинско досие.

Целта до 2030 година е здравствените информации да го следат пациентот низ системот, секој граѓанин да има пристап до сопствените здравствени податоци, а лекарите во моментот на лекување да располагаат со потребните информации без повторно внесување податоци и непотребна администрација.

Во подготовката на стратегијата е вклучена и поддршка од Европската Унија, а предвидено е воведување стандарди за е-здравство и поголема интероперабилност на здравствените информациски системи.






