Африканскиот континент се наоѓа во процес на раздвојување кој, според ново истражување, е во понапредна фаза отколку што досега се претпоставуваше. Научниците сметаат дека активниот расед во Источна Африка во далечна иднина ќе доведе до создавање нов океан.
Станува збор за процес што ќе трае уште неколку милиони години, но новите податоци покажуваат дека Земјината кора во делови од регионот веќе е значително истенчена.
Африканската тектонска плоча постепено се дели на два дела – поголемата Нубиска плоча и помалата Сомалиска плоча на исток.
Ново истражување објавено во „Nature Communications“ се фокусира на раседот Туркана, кој се протега стотици километри низ Кенија и Етиопија. Анализите на сеизмичките податоци покажале дека во централниот дел од раседот кората е дебела само околу 13 километри, додека на неговите рабови надминува 35 километри.
Според истражувачите, кога континенталната кора ќе се истенчи под околу 15 километри, процесот влегува во напредна фаза на растегнување. Со понатамошното истенчување, магмата во иднина би можела да стигне до површината и да почне да создава нова океанска кора.
Во период од неколку милиони години, водите од Индискиот Океан би можеле постепено да ја исполнат новосоздадената депресија, со што меѓу раздвоените делови на Африка би се формирал нов океан.
Научниците посочуваат дека слични геолошки процеси веќе може да се забележат во регионот Афар во североисточна Африка.
Истражувањето отвора и интересна врска со човечката еволуција. Се проценува дека раседот Туркана влегол во оваа фаза пред околу четири милиони години – период од кој потекнуваат и некои од најстарите фосили на хоминини откриени во регионот. Според научниците, тектонските промени можеби создале особено поволни услови за наталожување седименти и зачувување на фосилите.










