Синдикатот на УПОЗ изнесе сериозни обвинувања за однесувањето на претседателката на Основниот суд Куманово, Снежана Манев, тврдејќи дека вработените со години биле изложени на навреди, притисоци и психичко малтретирање. Манев, пак, ги отфрли обвинувањата како невистинити.
Претседателот на УПОЗ, Трпе Деаноски, на прес-конференција пред судот побара Судскиот совет итно да постапи по претставките на вработените. Според него, зад последната претставка застанале 75 вработени во судот.
Деаноски јавно пренесе дел од зборовите за кои тврди дека претседателката ги употребувала кон вработените, меѓу кои „говеда“, „џукели“ и „глупи сте“, како и наводни закани дека ќе ги „запали“ и ќе ги стави „под нозе“. Тој тврди и дека имало навреди на верска и национална основа.
Од УПОЗ велат дека повеќепати се обраќале до Судскиот совет и Министерството за правда. Деаноски тврди дека при посетата на претставници на Судскиот совет, вработените биле повикувани да потврдат дали потписите на претставката навистина се нивни. Синдикатот најавува протести, а како следен чекор ја споменува и можноста за штрајк доколку институциите не реагираат.
Манев преку писмена реакција ги отфрли наводите, оценувајќи ги како невистинити, паушални и апстрактни. Таа наведува дека судот се соочува со недостиг на кадар и потреба од реорганизација, а тврди и дека дел од вработените одбивале работни задачи.






