ПРВ.мк
Македонија

„СТИВ НАУМОВ“ СО НОВ ЛИК: Јаневска вели „хотел А категорија“, еве кога се отвора „Кузман“

„СТИВ НАУМОВ“ СО НОВ ЛИК: Јаневска вели „хотел А категорија“, еве кога се отвора  „Кузман“

Студентите оваа академска година ги очекуваат значително подобрени услови во дел од студентските домови во Скопје. Реновирани соби, топла вода, подобрена храна во мензите, енергетски ефикасни фасади и фотоволтаици се дел од инвестициите, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска во гостувањето во „Ноќно студио“ на 4ТВ.

Јаневска особено го издвои студентскиот дом „Стив Наумов“, оценувајќи дека по реконструкцијата условите во него се значително подобрени.

„Студентскиот дом ‘Стив Наумов’, ќе си дозволам така да кажам, го направивме хотел А категорија. Мислам дека студентите кои ќе бидат сместени во тој дом ќе бидат презадоволни“, изјави министерката.

Таа ги отфрли и тврдењата дека за добивање место во студентските домови се потребни „врски“. Според неа, сите студенти кои ги исполнувале условите досега се сместени во „Гоце Делчев“ и „Стив Наумов“. Капацитетот на „Гоце Делчев“ е околу 1.200 места, додека „Стив Наумов“ располага со повеќе од 1.000 места. Оставени се и слободни места за бруцошите, како и околу сто места за студенти од посебен интерес за државата.

Јаневска најави дека за најмногу еден и пол месец треба да биде пуштен во употреба и студентскиот дом „Кузман Јосифовски – Питу“. Потоа е предвидено да продолжи реновирањето на преостанатиот дел од „Гоце Делчев“, како и на неговата менза.