Министерката за образование и наука Весна Јаневска информира дека досега вкупно 252 студенти биле одбиени на конкурсот за сместување во студентските домови, бидејќи не ги исполнувале предвидените критериуми.
Како главни причини за одбивањето, Јаневска ги посочи некомплетната документација и статусот на студентите. Право на сместување имаат редовните студенти, додека студентите со апсолвентски статус подолг од три години ги губат овие привилегии.
Таа нагласи дека постапката за аплицирање е целосно дигитализирана и ги повика студентите внимателно да ги прикачуваат сите потребни документи.
„Аплицирањето е целосно дигитализирано и апелирам до студентите да внимаваат кога ги прикачуваат документите. Мора да бидат редовни студенти и да ја достават целата потребна документација за да добијат место“, истакна Јаневска.
Министерката најави и ново решение доколку по завршувањето на сите предвидени рокови останат слободни места во студентските домови. Министерството подготвува нов правилник со кој преостанатите капацитети би можеле комерцијално да им бидат понудени на студентите по значително повластени цени.






