Европа во иднина би можела да се соочи со значително поголеми и поопасни пожари, дури и доколку се оствари најоптимистичкото климатско сценарио. Ново истражување покажува дека до крајот на векот површината зафатена од пожари би можела да се зголеми за 39 проценти доколку не се преземат дополнителни мерки.
Главната причина се сè почестите периоди на екстремно топло, суво и ветровито време, кои овозможуваат малите пожари многу побрзо да прераснат во огромни огнени стихии.
Уште позагрижувачко е песимистичкото сценарио. Доколку глобалното затоплување достигне 3,6 степени Целзиусови, научниците проценуваат дека изгорената површина во Европа би можела речиси тројно да се зголеми.
Последиците веќе се чувствуваат. Оваа сезона во Европската Унија изгореле повеќе од 600.000 хектари, а големи пожари беа регистрирани во повеќе европски земји.
Научниците предупредуваат и на еден парадокс – успешното гаснење на малите пожари во изминатите децении на одредени места придонело за акумулирање сува вегетација. Кога ќе се создадат екстремни временски услови, таа станува дополнително „гориво“ за пожари со огромни размери.
Подоброто управување со пожарите може значително да го намали ризикот, но истражувачите предупредуваат дека само тоа нема да биде доволно.
Според нив, без ограничување на климатските промени, Европа во следните децении ќе мора да се подготвува за подолги сезони на пожари и поголем ризик од таканаречени мегапожари.









