Западот не е единствен по прашањето за војната во Украина, изјави унгарскиот премиер Виктор Орбан на заедничката прес-конференција со американскиот претседател Доналд Трамп во Белата куќа. Според Орбан, единствено владите на Унгарија и САД отворено и доследно се залагаат за воспоставување мир.
Орбан ги поздрави мировните напори на Трамп и ја критикуваше Европската Унија, нагласувајќи дека „во Брисел сè уште веруваат дека Украина може да победи на фронтот“. Тој порача дека Унгарија останува на ставот дека продолжувањето на војната само ќе донесе повеќе човечки жртви и уништување.
Одговарајќи на новинарско прашање, Орбан се осврна и на мигрантската криза, истакнувајќи дека Унгарија успешно ја задржала контролата над своите граници.
„Процентот на илегални мигранти во Унгарија е еднаков на нула. Имаме кристално јасен систем – секој што сака да влезе мора да поднесе барање, инаку не може да ја премине границата,“ рече Орбан.
Тој додаде дека Европската Унија ја санкционира Унгарија поради ваквата политика, но, како што истакна, Будимпешта нема намера да се откаже од својот пристап.
Состанокот во Белата куќа, прв по враќањето на Трамп на власт во јануари, беше фокусиран на теми како енергетската зависност на Унгарија од руската нафта и можностите за проширување на економската соработка меѓу двете земји.
















