Кривичниот суд во Скопје го прифати предлогот на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) и им определи мерка притвор од 30 дена на директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Илија Стоилев, и на уште три лица. Петтосомничената доби мерка куќен притвор.
Од Судот информираа дека судијата на претходна постапка ја донел одлуката по сослушување на сите петмина осомничени. Притворот бил изречен поради постоење опасност од бегство, влијание врз сведоци и можност за повторување на делото, согласно Законот за кривична постапка.
Одлуката следи по вчерашната акција на Истражниот центар при ОЈО ГОКК и МВР, во која беа приведени пет лица. Според истрагата, првоосомничениот управител на приватна компанија му ветил на Стоилев подарок – пари во износ од 50.000 евра за да му овозможи пристап до средства од ИПАРД програмата, иако фирмата не ги исполнувала условите на јавниот повик.
Во текот на истрагата било утврдено дека Стоилев го потпишал договорот и прифатил дел од ветениот поткуп – 400 евра, кои биле пронајдени при претрес и одземени. Три други лица, меѓу кои даночен референт од УЈП и државен службеник од Министерството за земјоделство, се сомничат дека посредувале во нелегалната зделка, искористувајќи ја својата службена положба за да влијаат врз директорот.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска ја поздрави акцијата, истакнувајќи дека Владата нема да толерира коруптивно однесување: „Ваков тип на девијантно однесување е голема штета за општеството. Случајот сега е во рацете на Обвинителството и судовите,“ изјави Мицкоски.
Интересно е што пред само неколку недели, директорот Стоилев во гостување на ТВ 24 уверуваше дека во Агенцијата „нема врски и субјективизам“ при доделување грантови.
Илија Стоилев претходно бил претседател на Советот на Општина Свети Николе, директор на Народниот музеј во градот, раководител на подрачна единица на Министерството за земјоделство, како и претседател на комисија за распределба на земјоделско земјиште.
















