По инцидентот во кој мексиканската претседателка Клаудија Шејнбаум беше јавно вознемирувана, владата на Мексико денеска го претстави новиот национален план за борба против сексуалното вознемирување, со кој ова дело ќе биде класифицирано како тешко кривично дело во сите сојузни држави.
Планот предвидува кампања за охрабрување на жртвите да ги пријавуваат случаите и подобрување на пристапот до правда за сите засегнати.
Министерката за женски прашања Ситлали Ернандес Мора изјави: „Сите жени, адолесцентки и девојчиња треба да знаат дека не се сами. Ако доживеат каква било форма на насилство, важно е тоа веднаш да го пријават.“ Таа истовремено ги повика и мажите да го преиспитаат своето однесување кон жените, нагласувајќи дека општеството мора колективно да ја промени културата на толеранција кон вакви дела.
Инцидентот што ја разбуди државата
Овој чекор следи по инцидентот што се случи пред неколку дена, кога 63-годишната Клаудија Шејнбаум, првата жена претседателка на Мексико, беше сексуално вознемирена од маж додека шетала низ историскиот центар на Мексико Сити.
На видеото што се прошири на интернет се гледа како маж ѝ приоѓа, ја фаќа за рамото, се обидува да ја бакне и да ја допре по градите. Виновникот подоцна беше брзо уапсен од полицијата.
Шејнбаум по инцидентот изјави дека зајакнувањето на правата на жените и заштитата од сите форми на насилство ќе бидат еден од највисоките приоритети на нејзината администрација.
Половина од жените во Мексико доживеале сексуално насилство
Според податоците на државниот завод за статистика, речиси 50% од жените во Мексико барем еднаш во животот доживеале некаква форма на сексуално насилство – од вознемирување на улица до сериозни напади.
Новата мерка на владата се очекува да внесе длабоки промени во мексиканскиот правосуден систем, со цел да се стави крај на долгогодишната неказнивост за овие дела и да се испрати јасна порака дека сексуалното насилство нема да биде толерирано.
















