Хотелите во Мајами, една од најпопуларните светски дестинации за естетска хирургија, се соочуваат со необичен проблем поради сè поголемиот број туристи кои пристигнуваат за пластични операции.
Дел од хотелите започнале да наплатуваат дополнителни депозити, а некои вовеле и строги забрани за гости кои се опоравуваат од хируршки зафати.
Главната причина се проблемите со хигиената во хотелските соби по престојот на пациенти. Според американските медиуми, хотелскиот персонал пријавува крвави чаршафи, извалкани душеци, перници и крпи.
Особено проблематични се пациентите кои се опоравуваат од популарната естетска процедура позната како „Brazilian Butt Lift“ (BBL), односно зголемување на задникот со пренос на сопствено масно ткиво.
Еден турист се пожалил дека хотел во Мајами му побарал депозит од дури 600 долари, со образложение дека мора да се заштити хотелскиот имот.
Друга гостинка тврди дека по операцијата ѝ биле побарани дополнителни 500 долари, иако претходно веќе платила депозит од 100 долари.
Некои хотели отишле и чекор понатаму. Хотелот „Kompose Boutique Hotel Miami Airport“ вовел посебни правила со кои се забрануваат активности поврзани со постоперативно закрепнување во собите.
Дополнително, во заедничките простории не е дозволено присуство на гости со видливи завои, медицински дренажи и специјална облека за закрепнување.
За прекршување на правилата се предвидени дополнителни трошоци за чистење и санација.







