Повеќе од 450.000 руски државјани загинале во војната во Украина, покажуваат податоците од руската државна статистичка агенција „Росстат“, кои протекоа по хакерски напад. Според објавените информации, војната станала четврта најчеста причина за смрт во Русија, пренесува „Москов тајмс“.
Русија официјално нема објавено податоци за своите воени загуби на бојното поле уште од септември 2022 година, а властите редовно ги отфрлаат независните процени за бројот на загинати. Сепак, податоците што сега протекоа укажуваат дека конфликтот во Украина е најсмртоносната војна за Русија од Втората светска војна. Бројот на загинати значително ги надминува загубите од деветгодишната советска војна во Авганистан, во која животот го загубиле околу 13.000 советски војници.
„Росстат“ бил цел на кибернапад во периодот од 29 октомври до 1 ноември, зад кој, според информациите, стојат хакерските групи „Белоруски киберпартизани“ и „Сајлент Кроу“ (Silent Crow). Тие успеале да преземат обемна база на податоци поврзани со руската економија, демографските движења и воените загуби.
Јанис Клуге од Германскиот институт за меѓународни и безбедносни прашања оценил дека станува збор за досега најзначајното протекување информации за руските жртви во војната.
Бројката од над 450.000 загинати, која ја пресметала групата „Сајлент Кроу“, не се однесува исклучиво на активните војници. Во неа се вклучени и цивилите кои загинале во воздушните напади, како и лицата кои го загубиле животот за време на украинскиот упад во руската Курска област во 2024 година.
Сепак, реалниот број на загинати би можел да биде и поголем. Во објавената статистика не се опфатени исчезнатите руски војници, ниту пак околу 27.000 странски борци кои биле регрутирани во руските вооружени сили.
Откриени и други податоци за загубите
Протечените информации содржат и други показатели за последиците од војната. Според пресметките, за секој освоен квадратен километар територија загинале по 6,2 Руси.
Во базата се евидентирани и 14.160 смртни случаи од неборбени причини, меѓу кои болести, несреќи и самоубиства. Дополнително, повеќе од 32.000 лица починале од повреди здобиени најмалку една година претходно.
„Москов тајмс“ извршил и сопствена проверка на дел од податоците. Медиумот случајно избрал 50 имиња од базите на податоци на „Медиазона“ и рускојазичниот сервис на Би-Би-Си, а потоа ги споредил со информациите што ги објавила групата „Сајлент Кроу“.
Иако не било можно целосно да се потврди точноста на целата база, резултатите од проверката се совпаѓаат со други независни процени. Меѓу нив е и извештајот на британското Министерство за одбрана од септември, во кој се наведува дека на руската страна во конфликтот загинале повеќе од половина милион луѓе.
Одделно, групата „Белоруски киберпартизани“ објавила нешто пониска бројка – 393.881 загинато лице. Разликата произлегува од применетата методологија, бидејќи оваа група во пресметката ги вклучила директните борбени смртни случаи и нивните долгорочни последици.
Протекувањето на податоците отвори нов увид во човечките загуби на Русија во војната, за кои официјалните власти со години не објавуваат целосна статистика.







