На стадионот „Мет Лајф“ во Њу Џерси, Реал Мадрид ја совлада Борусија Дортмунд со 3:2 во последниот натпревар од четвртфиналето на Светското клупско првенство и обезбеди место во полуфиналето.
Младиот Гонзало Гарсија блесна на големата сцена, постигнувајќи го својот четврти гол на турнирот и се израмни на врвот на листата на стрелци. Асистент беше Арда Гулер, а голот падна во 10-та минута. Десет минути подоцна, неговиот имењак Фран зголеми на 2:0.
Чаби Алонсо, кој е тренер на Реал нешто помалку од еден месец, ја продолжува победничката серија и му даде шанса на талентираната млада ѕвезда од академијата да се докаже.
Иако Реал имаше двојна предност речиси до крајот, завршницата понуди вистинска фудбалска драма – дури три гола беа постигнати во судиското надополнување. Максимилијан Баер намали на 2:1 во 92-та, но Килијан Мбапе веднаш возврати и повторно донесе предност од два гола. Само неколку минути подоцна, Хујсен доби директен црвен картон, а Гираси реализира пенал за конечни 3:2.
Херој на натпреварот беше голманот Тибо Куртоа, кој во последната минута на продолжението одбрани клучен удар од Сабицер и го спречи израмнувањето.
Со оваа победа, Реал се сели во полуфиналето, каде ќе се соочи со Пари Сен Жермен, додека другото полуфинале ќе го одиграат Флуминенсе и Челзи.