ПРВ.мк
Црна Хроника

Барала заштита, но ја добила предоцна – сопругот ја претепал до смрт

Барала заштита, но ја добила предоцна – сопругот ја претепал до смрт

Трагичен случај од Словачка предизвика силни реакции во јавноста, откако жена која претходно побарала судска заштита била убиена само неколку дена по ослободувањето на нејзиниот сопруг од притвор.

Според информациите од словачките медиуми, за убиството е осомничен Томаш В. од Гелница. Тој претходно бил осуден условно на осум месеци затвор поради закани и семејно насилство, а судот му наложил и задолжително лекување од алкохолизам. По правосилноста на пресудата бил пуштен на слобода.

Насилството, според обвинението, започнало уште во февруари, кога под дејство на алкохол физички ја нападнал сопругата. Додека бил во притвор, жената побарала судот да му изрече забрана за приближување и да биде отстранет од семејниот дом, наведувајќи дека повторно почнал да пие и станал исклучително агресивен.

Сепак, судот го одбил барањето со образложение дека во тој момент осомничениот бил во притвор и не постоела непосредна опасност за нејзината безбедност.

По неговото ослободување, жената останала без судска заштита. Само неколку дена подоцна, според истрагата, тој ја претепал до смрт.

Во моментов против осомничениот се води постапка за убиство, а судот одлучува за повторно определување притвор. Случајот повторно ја отвори дебатата во Словачка за тоа дали институциите доволно ги штитат жртвите на семејно насилство.