Најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа ќе има исклучително тежок предизвик во првото коло на Вимблдон, каде што ќе се соочи со Американката Аманда Анисимова, ланската финалистка и една од фаворитките на турнирот.
Ѓорческа испиша историја откако успешно ги мина сите три квалификациски рунди и стана првата македонска тенисерка што обезбеди место во главната ждрепка на еден Гренд слем турнир.
Сепак, ждрепката не беше наклонета кон неа. На патот кон евентуален пласман во второто коло ќе ѝ стои шестата носителка на турнирот, која минатата година стигна до финалето на Вимблдон.
Иако Анисимова играше во мечот за титулата, финалето го загуби убедливо од Ига Швјонтек, без освоен гем, со 6:0 и 6:0. Американката минатата сезона настапи и во финалето на УС Опен.
За Ѓорческа ова ќе биде најголемиот меч во нејзината кариера и можност да се претстави на најпрестижниот тениски турнир во светот против една од најдобрите тенисерки на денешницата.










