Лина Ѓорческа испиша нова страница во историјата на македонскиот тенис, откако стана првата македонска тенисерка што преку квалификациите обезбеди пласман на главниот турнир на Вимблдон во поединечна конкуренција.
Најдобрата македонска тенисерка денеска убедливо ја совлада Италијанката Луција Бронзети со 6-1 и 6-2, со што успешно ја мина и третата квалификациска пречка за настап на најпрестижниот тениски турнир во светот.
Со овој триумф, Ѓорческа обезбеди место меѓу 128-те најдобри тенисерки кои ќе настапат на главниот турнир во Лондон, што претставува историски успех за македонскиот тенис. Досега ниту еден македонски тенисер или тенисерка не успеал да се пласира на главниот турнир на Гренд слем во поединечна конкуренција.
Македонката одигра доминантен меч. По загубениот прв гем, освои шест последователни гема и лесно го доби првиот сет. Во вториот сет повторно беше сигурна, со два брејка ја презеде контролата и заслужено стигна до историскиот триумф.
Освен големиот спортски успех, Ѓорческа со пласманот на главниот турнир обезбеди и парична награда од околу 100.000 долари. Името на својата противничка во првото коло на Вимблдон ќе го дознае по утрешната ждрепка.










